Македонската фудбалска репрезентација изгуби на дебито на големата европска сцена, претрпувајќи пораз од Австрија 3-1 (1-1), на националната арена во Букурешт, во рамките од првата рунда во групата Ц.
„Црвено жолтите“ одиграа добар натпревар, но не и доволен за позитивен исход. Австријците ги искористија сите свои шанси, кои ги создадоа и ги зграпчија трите бодови. Во првиот дел двете селекции постигнаа по еден погодок, а австријците преку џокерите од клупата реализираа нови два голови, кои беа пресудни за победа.
Резултатот први го отворија австриските фудбалери, кои реализираа преку Штефан Лајнер во 19-та минута од натпреварот. Дефанзивецот со офанзивни карактеристики беше на вистинско место по нафрлувањето од Шабицер и ја смести топката во мрежата. Неколку минути подоцна, Австрија, имаше нова шанса за погодок. но голманот Столе Димитриевски одлично реагираше после ударот на Калајџиќ.
Македонија се отвори и почна да игра на половина од противникот. Наградата за храбрата игра стгина во 28-та минута кога Горан Пандев погоди за 1-1. Капитенот се најде на вистинско место место после лошата интервенција на австрискиот голман Бахман и без проблем ја затресе мрежата.
Второто полувреме почна претпазливо, ниту една од двете селекции не презеде ризик да нападне. Како што одминуваше времето, така австриската селекција ја преземаше иницијативата. Прекомандата на Алаба во офанзивната веднаш се осети во составот на Австрија. Во 78-та минута токму по центаршут на Алаба нововлезениот Грегориќ реализираше и донесе ново водство за Австрија.
Селекторот Ангеловски освежи, уфрли во игра напаѓачи, но позитивен ефект немаше. Во моментите кога повеќе мислевме на противничкиот, отколку на нашиот гол, австријците креираа добра акција, која Арнаутовиќ, кој како џокер од клупата влезе во игра ја запечати победа на Австрија.
Македонија нема и не смее да тагува, бидејќи ја очекува средба со Украина, која ќе биде нова шанса за бод на дебито на ЕП. Австрија, пак, ќе ги одмери силите со Холандија.
Мх.П.