Навремена и ефикасна исплата на надоместоци за плата на осигурениците за време на боледување, поради болест, повреда или нега и породилно отсуство, овозможува новото софтверско решение на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) кое денеска на прес-конференција го промовираа директорите на Фондот, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, пренесе МИА.

– Проектот „Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилни отсуства“ е дел од програмата на Владата и е во надлежност на Фондот. Го промовираме новото софтверско решение со кое комплетно ја дигитализираме работата во делот на исплатата на боледувањата и породилните отсуства, процес кој ни овозможува ефикасна и прецизна обработка на податоците и што е најважно, побрза исплата на средствата по овој основ за нашите осигуреници, истакна Стефаноски.

Ова, посочи тој, е уште еден проект со кој кратат бирократските процедури, а директен бенефит од решението за побрзаисплата ќе имаат осигурениците, бидејќи системот нуди: автоматска контрола, автоматска пресметка на надоместокот на плата и поврзаност со сите потребни надлежни институции за брза размена на податоци, електронско испраќање на известување на евентуално потребна корекција до фирмите.

– Процесот ќе се одвива на следниот начин: По поднесување на барањето за надоместок, почнува целосно автоматизирана постапка во ФЗОМ за пресметката на боледувањето или породилното отсуство. Софтверот е синхронизиран врз база на исплатените плати од системот на УЈП. Системот автоматски носи решенија со висина и времетраење на исплата на надоместокот, наменет за осигуреникот и во ист момент генерира и налог за исплата. Вака, интерно кратиме административни постапки кои бараа дополнително време. Во овој процес нема човечки фактор што резултира со исклучување на грешки, рече Стефаноски.

Рамадани рече дека по воведените законски измени и новото софтверско решение, во јули се исплатени 97 отсто од породилните отсуства, а останатите 3 отсто кои не се исплатени се должат пред се на грешки кои не зависат од Фондот.

– За да се отвори боледувањето потребно е фирмата да има направена точна уплата на придонеси. Тоа подразбира да се дефинираат точно колку часа лицето е на терет на работодавец и точно колку часа е на товар на Фондот. Сега Фондот автоматски врши нотификација за потребната корекција (103-ка) во УЈП. Вака значително е скратен периодот на взаемна комуникација и сега корекцијата од УЈП пристигнува и се обработува за 3 работни дена, рече Рамадани.

Тој посочи дека често се случува матичниот лекар да го греши крајниот датум на породилното отсуство при внесување на податоците во ИСР образецот, а доколку избраниот лекар не го пресметал точниот краен датум, тогаш образецот се смета за невалиден и потребно е да се корегира.

OhridNews

Извор:„МИА“