Околу 280 крокодили побегнале од локацијата за нивно размножување во мексиканската држава Веракруз, соопштиле официјалните лица по поплавата која била предизвикана минатиот викенд. Гувернерот на Веракруз Фидел Херера им изјавил на новинарите дека крокодилите биле чувани на отворен простор недалеку од пристаништето каде се размножувале во заробеништво.


Објектот бил потопен од поројните дождови, што им овозможило на животните да побегнат. Од силното невреме во Мексико загинале 12 лица, а 40 илјади останале без покрив над главата. Жителите на Веракруз биле предупредени од опасноста од крокодилите и им било речено доколку забележат некој од нив да ги известат локалните власти.