Здружението на Бармени на Македонија со својата делегација од 8 члена, во вистинско светло ги одбрани боите на Македонија. Од вкупно 62 земји учеснички на World Cocktail and Flairtending Competition во Софија, Република Бугарија, Методи Перунковски со својот коктел „Enjoying sunset“ го освои третото место во категоријата Sparkling cocktail.
– Македонија е релативно млада учесничка на Светските првенства, со вкупно 5 учества, вклучувајќи го и годинешното. Она што ме радува е дека од вкупно 5 учества, до сега се имаме вратено со две бронзи кои ги освои Методи Перунковски. Ова е голем напредок за една мала земја како Македонија. Немам што да додадам, ова ни е најголемиот подарок за десеттиот роденден на Здружението на Бармени на Македонија. Горд сум што имаме бармен како Мето, исто како да сме земале прво, изјави Дарко Ангелески, претседател на Здружението на бармени на Македонија.
Првичните честитки беа упатени од овогодинешниот домаќин и голем пријател на ЗБМ, Здружението на Бармени на Република Бугарија.
– Драго ми е што Македонија се пласираше во првите три места, за нив беше неочекувано, но можам да кажам дека заслужено. Се надевам дека наредната година во Токио ќе имаат подобар пласман. – изјави Пенчо Пенчев, претседател на Здружението на Бармени на Република Бугарија.
Со прогласувањето на победниците во класична подготовка на коктели и флертендинг (акробациски движења и елементи на жонглирање со барската опрема), заврши World Cocktail and Flairtending Competition во Софија, Република Бугарија.
– Неверојатно е искуството дома да се вратиш со медал, по втор пат. Се надевам дека сите наши момци и девојки кои се занимаваат со оваа неверојатна уметност, миксологија на вкусови и мириси, конечно ќе го добијат вистинското внимание, затоа што заслужуваат. – изјави носителот на бронзата на World Cocktail and Flairtending Competition во категорија Sparkling cocktails, Методи Перунковски.
Методи Перунковски најдобар на националниот натпревар на бармени во Охрид
OhridNews