Томи Стефаноски неможеше да одбере подобар начин да се збогува со Охридскиот пливачки маратон и Охридското езеро, откако на неговиот последен настап успеа патеката долга 30-километри да ја помине прв низ целта.


Долгогодишниот сон го оствари во 45-та година, а никој од присутните охриѓани и туристи не останаа имуни на неговиот успех и со громогласен аплауз ја наградија маратонската пливачка икона.


– Тактизиравме сите на почетокот, што е сосема нормално за долг маратон каков што е Охридскиот. Како што одминуваше трката темпото се зголемуваше, а кулуминираше кај Парк кога сите додадовме гас. Последните 200 метри од трката ги поминав со мижење не гледајќи се воопшто во конкурентите. Цело време во главата во тие 200 метри ми се вртеше дека овие се последни за мене во Охрид и тоа како да ми даде дополнителна сила. – рече Томи Стефаноски.


Билјана Стефаноска, сопругата на 45-годишниот пливач со раширена прегратка и солзи на очите го пречека својот херој кој обезбеди место со златни букви во историјата на Охридскиот маратон.

– Ова е неговиот сон. Никогаш, ама буквално никогаш не се откажа од победата на Охридскиот пливачки маратон. Ако има нешто што го посакувал во животот, а го немал до сега со сигурност беше првото место на пиедесталот во Охрид. Слободно можам да кажам дека Томи после победата на Охридскиот маратон мирно ќе спие, без разлика како ќе заврши трката во Италија за две недели. – потенцираше Стефаноска, поубавата половина на новиот владетел на Охридскиот маратон.


За Стефаноски ова беше 17-ти воедно и последен маратон, а тој потврди дека големите спортисти и пред се луѓе како него го оставаат најдоброто за крај.

Обновено:Томи Стефановски победи на 30-от Охридски пливачки маратон, Поп Ацев поради грешка го загуби второто место!

Михаил Постоловски