Охридските ракометари и математички го обезбедија учеството во плејофот од Супер лигата, откако во супер дербито во „Билјанини Извори“ го совладаа Пелистер со 28-24 (16-10).

Со триуфмот над битолските „зелено бели“ на стартот од пролетната полусезона, ракометарите на Охрид го запоседнаа врвот на табелата и од таму ќе ги пречекаат трите преостанати натпревари од регуларниот дел во елитата.

„Гладијаторите“ храбро и одлучно го започнаа натпреварот и уште на стартот поведоа со 3-1, па со 6-4. Во 20-та минута домашните ракометари стигнаа и највисоки пет погодоци на семафарот (11-6). Охрид го задржа водството до првиот дел и на одмор замина со предност од шест голови (16-10).

Гостите од Битола и покрај негатива на полувремето не се откажаа. Прво ја намалија негативата на 3 погодоци (17-14) со серија 4-0 и најавија дека нема лесно да се предадат.

Во продолжението битолските ракометари направија нова серија овој пат (5-0) за минус еден на семафорот (21-20). До 50-та минута Пелистер успеа и да го изедначи резултатот (23-23) за драма во „Билјанини Извори“.

„Гладијаторите“ погодија со ракометар помалку за 24-23, голманот Благојче Трајкоски влезе во ритам и со три интервенции во низа прво го одбрани водството и им овозможи напад за плус два на своите ракометари кои го реализираа.

После негативата од два голови Пелистер почна да игра брзоплето и со грешки, а ракометарите на Охрид го искористија тоа и го заверија триумфот (28-24).

Охрид:  Стојановски (1 одбрана), Трајковски (17 одбрани), Босеоски, Андоновски, Младеновски 4, Блажески 8, Костов, Новаковиќ, Спасовски, Јанев 3, Кобетиќ 1, Кежиќ 6, Адамовиќ 6, Димитриески, Трифуноски.

Пелистер: Колев (3 одбрани), Даниловски (5 одбрани), Вешовски, Борјан Маџовски 2, Бојан Маџовски, Рајатовски 1, Чантурија, Димитриоски, Вујачиќ 5, Маркудов, Митревски, Тасески 4, Иваноски 1, Павловиќ, Николиќ 3, Везенкоски 7.

Мх.П.