Ракометарите на Охрид забележаа победа во првиот меч во „Билјанини Извори“ сезонава, совладувајќи го составот на Борец со 27-24 (12-11) во третата рунда од Супер лигата.

До вториот триумф во шампионатот, „гладијаторите“ стигнаа во возбудлив меч кој одново наговестува иста таква сезона во Охрид.

Првото полувреме помина во резултаски пресврт, а на крајот Охрид замина со предност од еден погодок на семафарот (12-11).

Гостите добро отворија и до 10-та минута го контролираа резултатот, кога на семафарот беше (4-3). Со серија од (3-0), Охрид стигна до прво водство (6-4).

Со иста мера возвратија ракометарите на Борец, и во 20-та минута поведоа со 9-7. Првиот дел, избраниците на Горан Андоновски ефикасно го завршија и ги крунисаа 10-те интервенции на Благојче Трајкоски.

Во првите десет минути од вториот дел, охриѓани со серија 7-1, стигнаа до највисоки плус седум на мечот (19-12). И покрај негативата, Борец не се предаде и со серија од 6-2 (21-18) одново се врати во игра за бодови во Охрид.

Сепак, домаќините не дозволија такво нешто и ги освоија првите бодови во Билјанини Извори сезонава.

Р.К. Охрид: Трајкоски (18 одбрани/1 гол), Стојановски, Матески, Андоновски 3, Иваноски, Младеновски 2, Блажески 6, Костов, Новаковиќ, Спасовски 2, Јанев 1, Кобетиќ 6, Адамовиќ 2, Кежоќ 3, Трифуновски, Белевски 2.

Р.К. Борец: Димовски (8 одбрани), Блажески (2 одбрани), Куциноски, Стојановски 1,Јаневски, Стојковски, Крстевски, Гинов, Петровски, Андовски 4, Органџиев 1, Павловски 3, Ордев 4, Илиев 10, Трајковски 1, Давиткоски.

Мх.П.