Со интонација на македонската химна и претставување на учесниците, синоќа, на ракометното игралиште „Горан Попоски Бабец“ почна 50-тото јубилејно издание на Струшкиот ракометен турнир.
Турнирот за отворен го прогласи претседателот на ракометниот клуб „Струга“ Кирчо Јовановски изразувајќи благодарност до сите поранешни организатори, ентузијасти и вљубеници во ракометот, кои половина век давале придонес за реализација на меѓународната манифестација.
Струшкиот ракометен турнир, според директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, значи многу за ракометот во Струга. Како стружанец и поранешен ракометар, првите почетоци му биле токму во ракометниот клуб „Струга“.
Турнирот значи многу за ракометот во Македонија, за Струга, но и општо за спортот. Многу репрезентативци излегуваат од тука. Агенцијата за млади и спорт како покровители оваа година се заложи турнирот да изгледа вака. Се надевам следната година ќе помине под покровителство на претседателот на државата и ќе се вброи во плејадата на врвни настани и манифестации, истакна Мојсоски пред почетокот на манифестацијата.
Натпреварувачкиот дел го отворија домаќинот РК „Струга“ и екипата на „Еурофсам Пелистер“. Славеа битолчани со 23:27 (12:13).
Веднаш по нив силите ги одмерија македонскиот шампион „Вардар“ и новиот суперлигаш „Алкалоид“ предводен од селекторот на Македонската репрезентација Кире Лазаров. „Вардар“ одбраната на титулата ја почна со победа во израмнет натпревар до последните моменти од мечот. Со гол на Стојанче Стоилов во поседните секунди Вардар славеше со 24:22 (12:10).
Во третиот меч синоќа, поранешниот европски шампион Целје триумфираше убедливо против тимот на Бутел со 31:20 (18:8).
Словенците тргнаа моќно во овој дуел уште во воведните минути од натпреварот и стигнаа до резултат 10:1 и практично го решија победникот, на одмор се замина со резултат (18:8).
Во вториот дел се играше поопуштено, двајцата тренери им дадоа шанса на повеќе ракометари од клупата да играат и конечниот резултат гласеше 31:20.
Вториот ден од турнирот го отвараат екипите на Алкалоид и Целје (17:15 часот), два часа подоцна премиерно годинава ќе настапат АЕК Атина против Татран Прешов, додека во последниот меч се среќаваат скопските екепи на Вардар и Бутел (21:15).
OhridNews