Со поените на Девин Брукс со звукот на сирената охридските кошаркари во драматичен натпревар го совладаа Пелистер со 53-51 (12-14, 13-10, 17-12, 11-15) и на најдобар можен начин се простија од публиката во „Билјанини Извори“.

Вториот триумф на „галебите“ над „зелено белите“ во плејаутот значи опстанок во Првата македонска кошаркарска лига .

Првите две четвртини поминаа во резултатски егал, иако двете екипи имаа и по водство од пет-шест поени. Првиот период им припадна на гостите (14-12), додека вториот на домаќините (13-10) за минимални 25-24 во корист на охриѓани.

Во третиот квартал охридските бели го зголемија водството. Ефикасната игра во нападот им донесе предност од шест поени (42-36) пред одлучувачките десет минути.

Таму се случуваше вистинска драма. Гостите ја стопија предноста на домашните и поведоа со 48-47. Домаќините возвратија со серија 4-0 за водство (51-48). „Зелено белите“ прво погодија за 51-50, а Андрејевиќ реализираше едно од двете слободни фрлања и му остави напад за победа на Охрид.

Одговорноста ја презеде Брукс кој не погреши и погоди и ја крена на нозе целата сала која ја прослави победата вредна опстанок во елитата.

Во следните две рунди од плејаутот охриѓани прво гостуваат во Струмица, а потоа во Скопје кај составот на Вардар.

Мх.П.