Предводникот на табелата во Серија А, Јувентус го оствари планот на гостувањето кај тимот на Спал, откако ги освои трите бодови со минимален триумф 1-2 (0-1). Јувентус со триумфот им ја фрли ракавицата на ривалите Лацио и Интер, кои, утре ќе ги одиграат мечевите од 25-та рунда во „калчото“.

Натпреварот на стадионот „Паоло Маца“ во сеќавањето на фудбалската историја ќе остане поради триумфот на Јувентус и двете достигнувања на Кристијано Роналдо. Португалецот во професионалната кариерата го одигра 1000-от натпревар. Големиот јубилеј го круниса со погодок, со кој ја продолжи голгетерската низа на 11 последователни мечеви во Серија А. Со ваков учинок можеше да се пофалат  легендарниот аргентински напаѓач Габриел Батистута и Фабио Кваљарела. Роналдо шанса за подобрување на рекордот ќе има за недела дена во дербито со Интер.

OhridNews