Ракометарите на Охрид забележаа нов триумф, вкупно трет сезонава во Супер лигата, победувајќи го Пелистер со минимални 22-21 (9-7) во „Билјанини Извори“ во петтата рунда од шампионатот.
Почетокот на првиот натпревар на „гладијаторите“ пред охридска публика го одбележа грч во нападот и перфектната игра во одбраната.
По играта гол за гол, домаќините во последната третина од првиот дел се одлепија и на одмор заминаа со +2 (9-7).
Охриѓани со погодок го отворија вториот дел и стигнаа до највисоките три погодоци (10-7). Но, „зелено белите“ возвратија со иста мера и го изедначија резултатот на семафарот.
Охридските ракометари одновно стекнаа водство од три погодоци 17-14, но повторно гостите се вратија во игра и натпреварот влезе во неизвесна завршница.
Таму, поддршката од „Рибарите“ и трибините одигра клучна улога. Охриѓани смогнаа сили и пред се имаа срце, погодија неколку клучни удари што им донесе трета победа во серија.
Избраниците на стратегот Горан Андоновски го впишаа деветтиот бод на табелата и на маестрален начин го најавија дуелот со Металург в среда во Охрид со почеток во 20 часот.
Р.К. Охрид : Пецаков, Костески, Колев 13 одбрани, Караиванов 8, Павловиќ 6, Андоновски, Кежиќ 2, Хогас 5, Белевски, Трифуноски, Тасески, Печенковски, Новаковиќ, Вражалица 1.
Р.К. Пелистер : Даниловски, Арсиќ 11, Крстески, Велјаноски 1, Ивановски, Гинов 1, Дрогришки 6, Митрески, Чачиќ 6, Николиќ 2, Тодоровски, Топиќ 3, Маркудов, Стојаноски, Георгиевски, Рајатовски 1.
Мх.П.