Четвртиот состанок на Билатералниот Комитет за Охридското Езеро донесе промоција на нова и силна политичка поддршка за заштитата на Охридското Езеро. На состанокот на кој присуствуваа министрите за животна среднина на Албанија и Македонија, Џувели и Јакупи , градоначалници , претставници на централната власт и невладини организации беше силен поттик токму министрите јасно да изразат дека застануваат зад активностите за заштита на овој важен природен ресурс.

“Политичката волја и активности за ставање на еколошките прашања како приоритет што ги прави македонската Влада имаат соодветен одговор и од албанска страна што дава основа дека прекуграничната соработка позитивно кулминира што е и добар знак како од еколошки така и од економско политички карактер важни  за развој на регионот”- ни изјави државниот секретар во Министерството за животна средина Дејан Паноски.

На состанокот Комитетот излезе со неколку заклучоци кои во многу нешто ќе ја детерминираат иднината на соработката и одлуките во заштитата на езерото. Имено договорено е македонското искуство да и помогне на албанската страна во изготвување на апликација за добивање на статус на УНЕСКО и на албанскиот дел на езерото што позитивно ќе го промени односот кон заштитата. Договорена е конкретна заедничка грижа за појасите со трска како преостанат филтер на езерото, рече Паноски.

“Дадовме задолжение да се изврши ревизија на Извештајот за состојбата на Охридското Езеро од 2002 година со цел да видиме како шестгодишниот развој влијаел врз езерскиот басен . Во таа ревизија ќе треба да влезе и преглед на одлуките и спогодбите кои заради новите економски и еколошки услови може веќе да претставуваат пречка во процесот на управување со езерото”-додаде Паноски.
 
Од аспект на инфраструктурата албанската страна потврди дека колекторскиот систем на потегот Тусемисте -Поградец ќе биде изграден во март 2009 година. Исто така во однос на рибниот фонд албанската страна го усвои новиот закон за рибарство и го зајакна инспекцискиот надзор.Во таа насока издадени се 59 забрани за влез на пловни објекти во езерото, запленета е рибарска мрежа во должина од 1.5 километри што заедно со акцијата на македонската страна е позитивен пресврт. 

На состанокот беше заклучено дека заштитата на Езерото е подигната на едно повисоко рамниште. Билатералната соработка е на највисоко ниво и треба да се искористи оваа позитивна аура за да се осигура континуираната заштита и квалитетното управување. Треба да го искористиме овој моменти да го сочуваме Охридското Езеро за идните генерации.

ohridnews