После 30 години брак, една жена од Саудиска Арабија побарала развод од својот сопруг, само затоа што посакал да види како таа изгледа. Таа за цело време од бракот ја следела традицијата од своето село, во близина на градот Хамиш Мушаут, и своето лице го чувала прекриено.
Пред еден месец сопругот се обидел на спиење да и ја тргне прекривката, бидејќи повеќе не можел да и одолее на својата љубопитност. Но жената при тој обид се разбудила, и најавила развод, иако тој и се извинил и ветил дека такво нешто нема да се повтори. Саудијката изјавила дека ја напуштила куќата откако сопругот после толку години направил таква грешка.
Ова не е прв таков случај во Саудиска Арабија. Али ал Гатани се обидел да и ја тргне прекривката на својата сопруга Ом Раби ал Гатани после 10 години брак, па и таа се заканила со напуштање. Ветил дека нема повторно да се обиде, па Раби попуштила и останала со сопругот, но тој и неговите деца никогаш не и го виделе лицето.
Во поголемиот дел на исламски земји, традицијата им налага на жените да носат прекривка во јавност, која во домот може да се тргне, но постојат помали заедници во кои жените цел живот не го откриваат лицето пред нивните мажи.