Училиштата во две општини во јужниот дел на грчкиот остров Евија денеска превентивно се затворени по вчерашните земјотреси што беа регистрирани во морскиот дел, од кои најсилниот беше синоќа со јачина од пет степени, јави дописничката на МИА од Атина.
Земјотресот беше регистриран кусо по 22 часот по локално време во морскиот дел источно од островот, со ист епицентар каде што вчера наутро беа регистрирани три земјотреси меѓу 4,1 и 4,7 степени, а грчките сеизмолози, говорејќи за медиумите, оценија дека синоќешниот земјотрес веројатно беше главниот.
Сеизмологот Акис Целендис, како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, рекол дека во текот на ноќта имало над 85 помали земјотреси, најголемиот од 4,2 степени и додал дека веројатно синоќешниот бил и главниот.
Од земјотресот немаше повредени или поголема материјална штета, меѓутоа според заменик- префектот на Евија Јоргос Келаидитис во текот на денешниот ден градежни инженери ќе извршат проверка на објектите и домовите за евентуални проблеми и штети.
Келаидитис за АНА-МПА рекол дека поради низата помали земјотреси во текот на ноќта постоела загриженост кај жителите.
OhridNews