Истрагата за еколошкиот инцидент со насипување на Охридското Езеро со земја, што се случи во населбата Далјан од 11 ноември и натаму, барем официјално, е без епилог.
По објавата на информацијата од OhridNews, на терен излегоа надлежните општински и државни инспектори, а обемна истрага изврши и полицијата. Кој и со каква цел го насипува езерото во Далјан засега останува во сфертата на шпекулациите.
Овој еколошки инцидент се случува во период кога Охрид се бори да не биде ставен на Листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО, меѓу другото и поради уништивањето на крајбрежниот појас со незаконски градежни активности.
Засега најмногу на оваа тема зборуваат партиите и невладините организации. ВМРО ДПМНЕ бара одговорност за незаконските активности во Далјан кои, според паријата, го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО, за што опозиционерите вина гледаат во локалната власт.
Невладините организации пак, бараат целосно расветлување на случајот и санкции во согласност со законот за сторителите. Според нив принципот на неказнивост за ваквите дела, само ги охрабрува градежните моќници кои со децении безмилосно ги уништуваат вредностите поради кои Охрид е прогласен за светско културно и природно наследство.
Г.М.