Во екот на туристичката сезона МЈП Проаква започна акција за исклучување на големи хотелски капацитети кои со години не плаќале за потрошената вода.

Покрај Студенстскиот дом кој поради долг од околу 2,5 милиони денари деновиве беше исклучен од водоводната мрежа на удар се најде и Еврохотел Струга каде екипи на Проаква им ја запреа водата на  дел од апартманите.

Сопствениците на 55 апартмани со кои стопанисува фирмата Пал инвест го обвинуваат МЈП „Проаква“ дека врши селективно исклучување за да и овозможи на фимата Еврохотел која располага со поголемиот дел од апартманите да ги придобие и останатите апартмани.

Од „Проаква ги демантираат ваквите обвинувања и тврдат дека целиот хотел ќе биде исклучен од водоводната мрежа затоа што со години не плаќал за потрошена вода.

Сопствениците на исклучените апартмани тврдат дека ги имаат подмирено сметките за потрошена вода и дека проблемот е во фирмата Еврохотел која според нив должи 7 милиони денари. Од Еврохотел пак тврдат дека токму тие редовно плаќале за потрошената вода и дека фирмата Пал инвест не ги подмирувала своите обврски.

И додека правните наследници на поранешен Палас турист-Струга, кој  е во стечај, меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, сопствениците на апартмани со чии средства се градеше Еврохотел сред туристичка сезона останаа без вода.

Г.Момироски