Откако во изминатите неколку недели си разменија серија меѓусебни обвинувања преку медиумите двете страни сега ја смируваат состојбата и најавуваат компромис околу проблемот кој често пати предизвикуваше непријатности и грда слика пред посетителите. Аргументи деновиве ќе бидат изнесени на заедничка маса и ќе се бара решение за ситуацијата.
Потег први повлекоа од јавното комунално претпријатие и локалната самоуправа. Тие предлагаат фактурирањето на услугата-подигнување, транспорт и депонирање на отпад од хотелите во текот на туристичката сезона да биде по нормална тарифа со тоа што услугата во шпицот на сезоната ќе се врши секојдневно, додека во останатите шест месеци од годината фактурирањето на услугата да е за половина цена намалена, а отпадот ќе се подига еднаш до два пати неделно. Овој предлог прво ќе се најде на разгледување пред Управниот Одбор на Ј.П.”Охридски Комуналец”, а потоа и пред Советот на Општина Охрид.
Засега нема официјална реакција од хотелиерите, кои како што објавивме неодамна, исто така инсистираа на средба со јавното комунално претпријатие и градоначалникот со цел да се изнајде решение за проблемот со подигањето на отпадот.