По седми пат, годинава, ансамблот „Билјана“ ќе го одржи традиционалниот годишен концерт со кој воедно ќе се одбележи и една деценија постоење и негување на охридската македонска староградска песна.
На концертот што ќе се одржи на 6-ти септември, петок, со почеток во 20 часот во предворјето на црквата Света Софија, ќе настапат и саксофонистот Горан Папаз, Бендот „Камелеон“, Емилија Колоска и долгогодишната соработничка и вокал на Ансамблот за народи песни и игри „Танец“, Мартина Костова.
- Оваа година концертот ќе биде во духот на Охридската Визита, еден настан од секојдневниот живот во Охрид кој ние ќе се потрудиме да го пренесеме преку песна на сите присутни гости. Годинава заедно со сите наши пријатели сакаме да го одбележиме овој мал јубилеј и од срце им благодариме на сите наши колеги со кои сме соработувале досега, велат од ансамблот „Билјана“.
Концертот е посветен на Андерј Лаброски, нивниот другар и колега. Во Јули годинава постхумно излезе и песнарката „Охридски музички бисерник“, која публиката ќе може да ја купи на самиот концерт по цена од 400 денари, а дел од средствата се наменети за хуманитарни цели.
Концертот е под покровителство на Општина Охрид.
OhridNews