Највкусното ѓомлезе во Охридско го прави Кристина Богданоска. Таа ја освои првата награда на седмото издание на традиционалната манифестација „Охридска софра“, што се одржа денеска во излетничкото место над селото Скребатно, создадено од вредните раце на локалното население по потекло од овој крај. Тричлената комисија втората награда и ја додели на Лиле Кароска, а третата награда ја понесе Добринка Џуклеска.

Победниците ги прогласи градоначалникот на Општина Охрид, Koнстантин Георгиески.

Седма година по ред преку ова туристичко – промотивно случување ја презентираме нашата традиционална кујна со вкусните специјалитети приготвени од вредните раце на нашите домаќинки. Убавините на природата на умешен начин поврзани со вкусот на традиционалните рецепти се уникатен туристички производ кој од година во година станува се попривлечен како за домашните така и за странските посетители и гости. Креирајќи ја туристичката стратегија со вакви случувања битно придонесуваме во развојот на руралниот како битен дел од алтернативниот туризам. – изјави градоналаникот Георгиески.

Ѓомлезе, ѓомлезец, тури-потпечи или кашаник е македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во  Oхридско – струшкиот регион, а сите присутни на манифестацијата имаа можност да гледаат како се приготвува, а потоа и да го дегустираат.

Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од Гастромак одржаа специјално “Cooking Show”, а во склоп на „Охридска софра 2019“ се снимаше и телевизиското готвачко шоу „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки.

За доброто расположение на присутните беа задолжени дуетот Селимова – Желчески и Ансамблот „Билјана“.

OhridNews