Денес во Охрид, по седми пат, ќе се одржи традиционалната Бадникова поворка. Поворката на која се очекува да учествуваат неколку стотини дечиња, традиционално, ќе продефилира низ улиците на градот и ќе пристигне на плоштадот „Св.Климент Охридски“, каде ќе биде поставена Божикна пештера која го наговестува денот на Христовото раѓање. Околу пладне на градскиот плоштад децата ќе ги пречека градоначалникот Константин Георгиевски кој ќе ги дарува со божикни пакетчиња.
Втора година по ред Бадникова поворка ќе се одржи и во село Велгошти. Дечињата во 10 часот ќе тргнат од црквата Св. Димитрија, а околу 11:15 часот ќе стигнат во црквата Мал Св. Климент каде ќе ги пречека градоначалникот Георгиески кој ќе ги дарува со божикни пакетчиња. Во рамки на прославите со кои се најавува христовото раѓање е предвидена културно уметничка програма со божиќни песни.
Оваа година бадниковата поворка, ќе се одржи под мотото “БАДНИК ЗА СИТЕ! – РАДОСТ ЗА СИТЕ!”, а ја организира здружението “Бадникови поворки”.
Освен во Охрид, Бадникови поворки на радоста се одржуваат во уште 39 градови и населени места во земјата.
OhridNews