Две лица од Скопје на возраст 28 и 24 години утрово се пронајдени мртви во автомобил по пријава дека дека на бул.„Македонско – Косовска бригада“ во Скопје се слушнало пукање.
Според билтенот на полицијата, утрово во 2:35 часот во СВР Скопје било пријавено пукањето во населбата Топанско поле, а по излегување на местото на настанот полицијата пронашла патничко моторно возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки и две лица кои не давале знаци на живот.
Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт кај двете лица. Пронајдени се чаури од огнено оружје (пиштол и автоматска пушка). Утврден е идентитетот на лицата А.Б.(28) и Б.В.(24), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот, се наведува во билтенот на МВР.
Министерот Спасовски, денеска од Куманово рече дека се утврдуваат причините за смртта на двете лица.
Се прави детална истрага во однос на оваа случка и јавноста ќе биде информирана во текот на денот, истакна Спасовски.
OhridNews