Со свеченото отворање на 635 метри долгиот мост на реката Лабе во германскиот град Дрезден, деновиве оваа позната локација и официјално е исклучена од списокот на Светското културно наследство на УНЕСКО.
Оваа капитална инвестиција изминатите години беше проследена со низа скандали, откако УНЕСКО уште во 2009-та година ги предупреди локалните власти во Дрезден дека со изградбата на новиот мост во долината на реката Лабе, не се почитуваат стандардите за заштита на културното и природното богатство, со што се загорзува статусот на вредностите кои се прогласени за светско наследство.
Како што пишува „ББЦ“, УНЕСКО со години апелирала до германските власти дека новата градба ја загрозува автентичната барокна архитектура и зелениот појас карактеристичен за долината на реката Лабе.
Изградбата на овој мост кој локалните власти ги чинеше 182 милиони долари, е одобрена со мнозинство гласови на населението уште во 2005-та година. Иако УНЕСКО на неколку пати остро реагираше за „кичот“ кој никнува во заштитеното подрачје, германските власти немаа слух за предупредувањата.
Како што пишуваат експертите, на секое заштитно подрачје императив треба да му биде зачувувањето на статусот на УНЕСКО како универзална вредност која долгорочно на светските локации ќе им донесе повеќе туристи, проекти и средства од меѓународни фондации и економски развој.
Со оваа „дрскост“ на Дрезден, за прв во историјата на УНЕСКО се исклучува заштитено подрачје од списокот на Светското културно наследство.
OhridNews