Посетителите на стариот дел на Охрид, кој најчесто е прва дестинација каде туристите доаѓаат со организиран превоз, но и најмногу се задржуваат во разглед на градот, повеќе нема да мора да се грижат каде да ги обават физиолошките потреби. Најчесто за тоа служеа угостителските објекти во овој дел од градот кои, освен своите гости, опслужуваа голем број надворешни посетители. Деновиве поставени се два јавни тоалети на паркингот кај Горна порта. Уредно обележани и соодветно опремени. Решен е и доводот и одводот на вода, кој е приклучен во системот на градот.Тоалетите имаат и пристап за лица со инвалидитет.

Просторот кај паркингот пред Горна порта е целосно исчистен и уреден, а поставени се и соодветни информативни знаци.

Јавните тоалети за чие одржување и функционалност ќе има 24-часовна грижа, се поставени на иницијатива и со дозвола на Општина Охрид, со цел, како што ни беше кажано, да се подобри функционирањето на градот во туристичката сезона, да им се излезе во пресрет на бројните посетители, но да се подигне нивото на јавната хигиена и свест.

Во наредниот период уредени хигиенски јавни тоалети ќе бидат поставени и во центарот на градот, на просторот помеѓу Летница и Амамот.

Г.М.