Со цел збогатување на културната и туристичката понуда на Охрид, Македонската академија на науките и уметностите-МАНУ, ја организира петтата по ред „Научна и уметничка визита” во Куќата на Уранија.
Програмата започна на 29-ти јуни со отварање на Летната музичка работилница од Факултетот за Музичка уметност од Скопје, чии учесници на 3-ти јули 2015 година ќе имаат завршен концерт.
На 11-ти и 12-ти јули ќе се одржи Лингвистичката работилница која ќе ја води Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“.
На 12-ти јули ќе биде организирано пристапно предавање на професор д-р Јан Соколовски од Полска кој е член на МАНУ надвор од работниот состав. Тој ќе говори за „Проблематиката на деминутивите во Македонскиот и Полскиот јазик“.
На 13-ти јули ќе биде отворена Филигранската изложба на Мирјана Николовска, која е дел од програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето.
На 16-ти јули ќе биде организирано предавање на академик Милан Ѓурчинов на тема „Поетика и етика-Владо Малески и неговите книжевно критички аманети“, а на 20-ти јули ќе се одржи Дебата на тема „МАНУ и Македонската наука и уметност“.
На 23-ти јули предавање ќе има академик Цветан Грозданов на тема „Фрескоживописот на Света Софија Охридска во светлината на најновите проучувања во Светот.
Програмата за месец јули ќе заврши на 27-ми јули со предавањето на академик Иван Катарџиев на тема „Сталин, културната автономија на Пиринска Македонија и патот на студентите од Пирин до Скопје“.
OhridNews