Охридската локална самоуправа сеуште јавно не го соопштува ставот во врска со одлуката на владата да ги раскине договорите за долготраен закуп на крајбрежјето што претходната  влада ги склучи со општините Охрид и Струга.

Како што дознаваме градоначалникот Петрески минатата недела остварил контакт со ресорниот министер кај кого се интересирал за намерите на владата по раскинот на договорите, при што добил уверување дека целата процедура околу издавањето на плажите под концесија ќе заврши навреме.

Петрески останува на претходно искажаниот став дека за локалната самоуправа сеедно е дали таа ќе ги издава плажите или тоа ќе го прави државата. “Воопшто ние не патиме дали ние ќе ги даваме плажите или владата, нас ни е битно плажите да се даваат под концесија и конечно да се уредат , а  не ни е битно кој ќе ги издава или кој ќе ги земе“, изјави неодамна Петрески.

Во општинската зграда вчера беше раздвижено. Низ ходниците можеа да се забележат повеќемина угостители заинтересирани за концесионирање на плажите. Тие како што дознаваме оствариле средба со претставници на локалната самоуправа при што добиле уверување дека претходно отпочната процедура за издавање на плажите наскоро ќе продолжи при што државата ќе ги искористи  плановите кои за таа намена ги изготви општината Охрид.

Наспроти умерениот оптимизам во Охрид, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е разочаран  од одлуката на Владата да ги раскине договорите за долготраен закуп на крајбрежјето.Согласнио тој договор  општината го промени ДУП, донесе посебна програма и уреди повеќе километри од крајбрежјето за што се потрошени големи  средства од градската каса, вели Мерко, според кого владината одлука е политичка и значи стопирање на развојот на туризмот. “Ние сме вложиле 2 милиони евра и ако сега ни се одземат плажите и се дадат под концесија на приватници, парите ќе одат во буџетот на републиката и повторно ќе нема никакви вложувања во Сруга. Ако така мисли власта нека ни ги вратат средствата кои сме ги вложиле за уредување на плажите“, вели Мерко.


Владата го разочара-Рамиз Мерко

Мерко, бара владата да ја повлече спорната одлука, а доколку тоа не се случи, тој најави дека стружани со протести и блокади ќе ги бранат плажите

Владата на последната седница поради како што беше речено, утврдени незаконитости, усвои одлука со која на министерството за транспорт му се наложува во рок од 15 дена да изнајде начин  спогодбено да ги раскине договорите за долготраен закуп на крајбрежјето, што државата минатиот јули им го отстапи на општините Охрид и Струга. Оттаму информираат дека целата постапка ќе биде вратена во Министерството за транспорт кое ќе распише тендер за издавање на  плажите на охридското крајбрежје под концесија на што се чека повеќе од 3 години.

Горан Момироски