Обвинувањата од погребалното претпријатие „Мирен сон“ упатени до јавното претпријатие „Градски гробишта“, директорот Зоран Симоноски ги отфрла, оценувајќи ги како лаги и манипулации.

Околу немањето на греење во градската капела, Симоноски вели дека не е проблем да се стават грејни тела, но потенцира дека во тие простории не е пожелна висока температура и дека барањето е неиздржано со оглед на тоа дека просториите се постојано отворени. Во однос на поплаките дека нема минимални услови во просториите каде се врши подготовка на покојните лица, првиот човек на јавното претпријатие тврди дека откако е тој директор, вработен е и хигиеничар кој секојдневно ги чисти наведените простории и дека постојано се врши дезинсекција, дератизација и дезинфекција од страна на екипи од Центарот за јавно здравје.

Симоноски и понатаму тврди дека потребите за тоалети во рамки на градските гробишта се задоволени.

Располагаме со два тоалети наменети за граѓани, посочени со патокази. Едниот кој е за администрацијата никогаш не сме забранале да го користат и граѓаните, а другиот тоалет е во ресторанот. Дали е доволно или не не невлегувам. Но со проширувањето на гробиштата со нови парцели ќе направиме напори и ќе изградиме и нови тоалети, вели Симоноски. За забелешките околу отворениот простор на кој се врши опелото, директорот вели дека на операторот не му се наложува самиот чин на опелото да се врши надвор и дека ако е ладно, чинот може да врши и внатре.

Симоноски со заклучок дека обвинувањата од „Мирен сон“ се резултат на преземените мерки за воспоставување на ред во хаосот кој бил затекнат во 2013. По изминати 4 години од преземањето на раководството, а дури откако беа искажани обвинувањата и барањата од „Мирен сон“, Симоноски на денешната прес конференција ги изнесе, како што вели, вистинските причини поради кои биле напаѓани од погребалното претпријатие.

Ставањето на ред и дисциплина не му годеше на операторите и каменоресците затоа што тие беа научени да влегуваат и користат услуги без да им се наплати од јавното претпријатие. Вработените од операторот секојдневно, грубо се мешаат во работата на нашите стручни служби, сакаат да продаваат гробни места, кажуваат каде има слободни, ги доведуваат граѓаните во заблуда кажувајќи им погрешни цени. Нивни вработени вршат градежни услуги за кои наплатуваат од граѓаните, а користат градежен материјал од јавното претпријатие со што ние сме оштетени, вели Симоноски.

Симоноски погребалното претпријатие го обвинува и за самоволие, односно дека негови вработени од комората зеле починато лице без одобрение на претпријатието, како и дека починати лица земени од болница, никогаш не биле донесени во мртовечницата, иако за тоа им било наплатено на роднините. Обвини и дека во периодот од 2011 до 2013 за 73 починати лица не била фактурирана услугата кон операторот, како што вели Симоноски, врз основ на спогодба меѓу екс раководство и вработените со операторот, за што претпријатието било оштетено за 200.000 денари.

За изнесените обвинувања Симоноски вели дека ги поседува сите потребни документи кои ќе бидат доставени до надлежните органи, а за дел од нив веќе била поведена постапка.

Т.К.