На синоќешната седница на највисокото партиско раководство на СДСМ разрешени беа генералниот и организациониот секретар и извршниот одбор на партијата, како и други партиски функционери.

Ветивме промени и промените се случуваат, СДСМ вечерва демонстрираше сериозна одговорност пред граѓаните и пред сопствената земја. Во овие околности донесовме одлуки кои носат системски и суштински промени во партијата – одлуки кои ќе донесат забрзување на напредокот на земјата и подобри услови во општеството, за подобар живот на сите граѓани. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите оние функционери коишто денеска престанаа да ја извршуваат својата функција во СДСМ. Благодарност до тројцата секретари на СДСМ, Генералниот секретар Кирацовски, секретарот за организациони работи Миле Зечевиќ, и секретарот за меѓународна соработка Дане Талевски којшто иако неколку недели беше само секретар за меѓународна соработка. – рече лидерот Заев по седницата во седиштето на партијата.

РазреШебни се и шесте потпретседатели на СДСМ: Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Петар Шилегов, Мухамед Зекири и Благојче Бочварски, координаторот на Форумот на Жени на СДСМ, Цветанка Ласкова.

Оваа одлука којашто вечерва ја донесовме е сериозен израз на одговорност, сериозен израз на восприемчивост, примање на пораките од страна на граѓаните, корегирање по основ на тие пораки и наши амбиции за наше подобрување. Тргнавме од сопствените редови. Знаете дека пред неколку дена донесов одлука за разрешување на сите претседатели на општинските Организации, и не е точно дека само тие се виновни за неисполнување на очекуваните резултати коишто ни ја донесоа победата но секако ја испратија пораката дека нешто мора да менуваме. – рече Заев.

Тој најави дека целиот фокус на партијата во идниот период ќе биде кон подобрување на животот на граѓаните.

Ако тргнавме од своите редови да се исправиме со големината и доблеста за наше отстапување со наше корегирање и подобрување верувајте нема да дозволиме на било кој во државата без разлика дали тоа е во јавната администрација, централна, локална, а прима пари од граѓаните, да не ги исполни очекувањата на граѓаните. – истакна Заев.

Љупчо Николовски е новиот генерален секретар на СДСМ. Тој нема повеќе да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, информираше Заев.

OhridNews