По кусо боледување денеска на 73 години почина Митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Владиката Тимотеј ја вршеше и функцијата портпарол на Синодот на Македонската православна црква.

Митрополитот г. Тимотеј е роден на 20. X 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско.  Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј–ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј–ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски”, прво во ман. „Горни св. Илија” во с. Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево, крај Скопје. Неа ја завршил со одличен успех. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година.

По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската архиепископија во Скопје. Потоа заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско” и се здобил со магистерска диплома. И понатаму желбата за духовни знаења и за надградувања кај него е незгаслива, па останува во Рим да ја подготви и докторската дисертација. Меѓутоа, на повик на САС на МПЦ, се враќа во татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски” по предметите.

САС на МПЦ го назначува и за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски” во Драчево, кај Скопје. Како духовна и интелектуална високообразовна личност, докажува пред САС на МПЦ дека целиот свој живот сака да му го посвети на Бога и на духовниот живот, за потребите на МПЦ, се става на целосно располагање на САС. На 10. IX 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител” – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име Тимотеј на 11.IX.1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир.

На 13. IX 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица” – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски” (ман. „Св. Наум Охридски”) во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20. IX 1981 година е хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Св. Димитриј” во Скопје.

Од 21. IX.1981 година, со Одлука на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски, т.е. да раководи со Австралиската македонска православна епархија. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата (по изборот на тогашниот Митрополит Дебарско–кичевски Ангелариј за Архиепископ) Дебарско–кичевска епархија како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, која доброволно ја отстапи на друг надлежен архијереј, а продолжи да раководи само со Дебарско–кичевската епархија како Митрополит Дебарско–кичевски.

OhridNews