Агенцијата за храна и ветеринарство периодов спроведува вонредните засилени контроли, но и редовните контроли согласно Годишниот план.

Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност, информираат.

АХВ спроведе вонредни контроли и во јули во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, времени – кетеринг објекти, месарници и маркети) во туристичките центри Охрид, Струга, Преспа и Дојран. По контролите беа уништени 8,7 тони небезбедна храна.

Со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени беа 112 објекти – оператори со храна. Изречени беа 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на 8 оператори со храна им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

Инаку, од страна на АХВ во првите 6 месеци од годинава во државава во внатрешниот промет спроведени се 24. 335 инспекциски контроли. Изречени се вкупно 2 433 инспекциски мерки, уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.

Н.С.Ј.