По фудбал и ракомет Охрид од наредната учебна 2015/16 година добива и паралелка за кошарка. По фудбалот и ракометот спортската академија во Охрид најверојатно ќе биде збогатена со уште една паралелка, а тоа е кошаркарската.

Новата спортска паралелка ќе го опфати југо-западниот регион (Охрид,Струга,Кичево,Битола,Ресен,Македонски Брод,Демир Хисар) а за официјализирање потребен е амин од Општината Охрид.

Тестирањето на заинтересираните ученици ќе биде на 1 април во арената на „Билјанини Извори“ со почеток во 17 часот, а скаути ќе бидат Небојша Ѓуковиќ (тручен тим кошарка), д-р Саша Димитријевиќ ( селектор на машката селекција), Драган Василов ( помошник тренер), проф. д-р Бранко Крстевски (селектор на женската селекција), Антон Дуковски (помошник тренер).

Образование Образованието на младите кошаркари ќе се состои од општообразовни предмети што ќе им овозможи стекнување знаења од областа на мајчиниот јазик, англискиот јазик, историјата, информатиката, природните и општествените науки. Преку овие предмети ќе им биде овозможено полагање на државна матура и продолжување на образованието на високо образовните институции.

Исто така, тие ќе изучуваат и стручни предмети поврзани со спортот, а вештините на играта и посветеноста кон спортот ќе ги јакнат во наставен и тренажен процес водени од врвни домашни и меѓународни тренери и стручни лица.

Министерството за образование и наука и Агенцијата за спорт и млади во соработка со националните спортски федерации ќе подготват план за изведување на тренажниот процес, а ќе предвидат и динамика на сите активности поврзани со спортско промовирање на младите спортисти.

Тренизите ќе се изведуваат под менторство на избраните тренери во текот на неделата, а за деновите од викендите ќе тренираат и играат во своите матични клубови. За реализација на тренажниот процес ќе бидат ангажиран стручен тим составен од тренер и негов заменик (за секој спорт одделно), како и меѓународно признати тренери и стручни лица кои во текот на годината ќе бидат ангажирани повеќе пати. За учениците кои не се од Охрид, а ќе бидат примени во некоја од овие паралелки, ќе биде обезбедено сместување и храна во ученички дом во Охрид, а за учениците од Охрид ќе биде обезбеден ручек.

Согласно потребите, ќе биде обезбеден и превоз за учениците. Стипендии секој ученик што ќе биде запишан во овие паралелки, ќе се стекне со спортска категорија – спортист-„Спортска надеж”, за што ќе добие и соодветен паричен надомест од страна на Агенцијата за млади и спорт со што ќе може да покрие дел од трошоците за превоз до местото на живеење (доколку ученикот не е по потекло од Охрид), здравственото осуигурување и дел од другите тековни трошоци.

Ohridnews