Исполнетиот со гости Охрид во шпицот на туристичката сезона која доживува кулминација околу Илинден, и ова лето е претворен во голема сцена на која се случуваат бројни концерти и други културно забавни настани. Масимо Савиќ, Владимир Четкар, Цукеро, Трубјут ту Пинк Флојд, Северина, Цеца, која викендов одржа концерт на стадионот „Билјанини извори“, се само дел од естрадните имиња кои настапија до сега во Охрид, а кои негуваат дијаметрално спротивни музички правци, што предизвикува многу полемики и расправи меѓу охриѓани.
Викендов во Охрид настапи српската турбо фолк пејачка Цеца – фото Кики Муки
–За вкусовите не треба да се расправа. Но ако мене ме прашате секако некои работи не ми се допаѓаат од музичката понуда во градот, но тоа е бизнис и работа на вкус и тоа го почитувам. Но, мислам дека можат да се направат услови да не биде толку бучно, затоа што ќе биде многу гласно во Охрид наредните денови. – вели охриѓанецот д-р Диел Аголи, кого го затекнавме на концерот на Цукеро деновиве во спортската сала „Билјанини извори“.
Најмногу реакции од граѓаните на Охрид и ова лето повторно има за бучавата која се создава од забавите во ноќните часови. Туристите, пак, уживаат во омилените изведувачи, посочувајќи дека токму тие биле причина да го посетат Охрид.
–Не само што сметаат туку и го нарушуваат нормалното живеење на охриѓани, но и на гостите кои тука доаѓаат вистински да одморат. Има точно одредени објекти, простори и места адекватно изградени на потребите за такви настани и доколку Охрид претендира да стане елитно културно – туристичко место треба да се потруди да направи такви места и објекти кои ќе се користат за забава. – изјави граѓанин на Охрид.
-Дојдов во Охрид ова лето на одмор специјално да го проследам концертот на Цукеро. – ни изјави гостин од Италија.
Организаторите на концертите и локалната самоуправа сметаат дека на Охрид му требаат големи музички настани, бидејќи тоа ја збогатува понудата и носи гости. Апелираат до охриѓани да имаат разбирање, посочувајќи дека Охрид нуди мир во изобилство надвор од сезоната.
–Градот мора да сфати дека за нешто да добие мора нешто и да изгуби. Да има одредена толеранција за гужвите и гласната музика коишто ќе се создаваат наредните денови, затоа што туристичка сезона е, а Охрид не е бања. – вели Бобан Милошески од „Авалон продукција“.
-Посетителите можат да се одлучат дека во тие денови ќе има бурен живот и нема да дојдат, ќе го избегнат тој шпиц на сезоната, ќе дојдат надвор од туристичкиот шпиц, кога има помирен живот во Охрид. – рече Јован Стојаноски – Градончалник на Охрид.
Едно е сигурно Охрид ќе биде раздвижен и гласен и во наредните десеттина дена во кои следат концертите на Влатко Стефановски, Марија Шерифиќ, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Галија, Владимир Четкар, како и фестивалот „Ohrid calling 2018″ кој оваа година на стадионот Билјанини извори ги носи светски познатите диџеи Dimitri Vegas & Like Mike на први август, Jax Jones & Roger Sanchez на втори и Armin van Buuren на 4 август.
Г. Момироски