Фестивалот „Струшки вечер на поезијата“ единаесетти пат по ред го распиша конкурсот за интернационалната награда за дебитантска книга од млад поет „Мостови на Струга“ за 2014, која оваа година ќе биде доделена заедно со УНЕСКО.

Заинтересирани кои ќе пратат дебитантски книги не треба да бидат постари од 35 години, а крајниот рок за пристигнување на книгите е 28-ми февруари.

Младите поети треба да испратат пет копии од книгата со која конкурираат, како и најмалку пет песни преведени на англиски јазик на адресата на СВП (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки.

Исто така, апликацијата може да се поднесе електронски на адресата на СВП [email protected], при што книгата треба да биде во електронски формат, а печатената верзија на книгата да пристигне на адресата на СВП најдоцна до 5-ти март 2014 година.
Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21-ви март, а ќе добие статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот–лауреат во превод на македонски.

Исто така, поетот–лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на Струшките вечери на поезијата на крајот на aвгуст, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

OhridNews