Средства за дезинфекција на секоја маса, ограничен број на седишта, контролиран влез. Вака изгледа утрово познатиот бар на брегот на Езерото „Куба Либре“, кој со низа безбедносни мерки ги отвори повторно вратите за своите гости, кои беа затворени повеќе од два месеца заради пандемијата од коронавирусот Ковид 19.
За време на карантинот времето беше сончево и топло, сега е значително променливо и ветровито, шеговито забележува менаџерскиот тим на „Куба Либре“. Додаваат дека сепак најважно е што угостителите конечно почнаа со работа, иако пред нив е голема неизвесност, обременета со сериозните загуби кои овој сектор се уште ги трпи поради здравствената криза.
Првите гости во „Куба Либре“ пристигнаа околу 10 часот. Согласно протоколот за безбедна работа и заштита, тие се сместија на терасата во отворениот дел од објектот, кој единствено смее да работи. Иако времето е ветровите и малку посвежо за овој период од годината, гостите избраа маса до езерскиот брег.
За поголема безбедност на посетителите „Куба Либре“ ги замени класичните менија со дигитални кои се отвараат преку скенирање на бар код со паметен телефон на флаерите што се поставени на секоја маса. Вакви „менија“ има и во ресторанот „Куба Либре“ во Св. Наум, кој исто така е отворен од денеска.
Сефтето е направено, гостите се вратија во охридските кафетерии и ресторани кои се надеваат дека претстојната сезона над која е надвисната исто така голема неизвесност, и покрај сите потешкотии и предизвици ќе ја одработат добро и ќе ги амортизираат проблемите што ги предизвика кризата.
Таа, пак, според најавите на експертите, нема да заврши ниту веднаш, ниту брзо. Министерот за здравство Филипче во гостување на една од националните телевизии рече дека е можно здравствената криза предизвикана од Ковид 19 да трае до 2022 година и дека ќе мораме да научиме да живееме во такви услови. Да се држи безбедна дистанца, редовна дезинфекција и често миење раце, остануваат главните препораки за заштита од опасниот коронавирус.
Охридските угостители ги светнаа своите тераси, добро ги дезинфицираа и ги обезбедија со средства за заштита. Просторот во отворените делови од објектите е организиран да се обезбеди потребната дистанца, а персоналот постојано носи заштитна опрема.
Угостителските објекти во Охрид по шеесетина дена повторно работат, секако во вонредни услови, ама гостите не забележуваат, затоа што конечно по долго време се случи нешто позитивно. Тоа може да биде најава за уште попозитивни вести кои ќе ги вратат оптимизмот и надежта кај луѓето. Само од нас зависи дали тоа ќе се случи.
И не заборавајте, опасниот вирус е се уште тука. Затоа внимателно и со позитивна мисла.
Г.М.