Изминатиот продолжен празничен викенд, за време на кој на сила беше и полициски час, на Охридското крајбрежје, по слободна проценка, престојуваа над 5000 гости од земјата. Во најголем дел тие беа сместени во сопствени станови и вили, а дел и покрај забраната која е на сила биле затекнати во регистрирани сместувачки капацитети, чии сопственици заработија кривични пријави од Пазарната инспекција.
По наредба на Кризниот штаб на Општина Охрид, по завршувањето на продолжениот викенд се врши интензивна дезинфекција на улиците, јавните површини и станбените објекти на територија на Општина Охрид.
Исто така донесена е и одлука за зголемување на подготвеноста на капацитети на здравствениот систем во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од „Ковид 19“, доколку бидат исполнети капацитети на Инфективната клиника во Битола и болничките капацитети во Скопје.
Во периодот од 30 мај – 7 јуни во Општина Охрид дијагностицирани се 9 случаи на Ковид 19. Според податоците на Центарот за јавно здравје во Охрид има 2 пациенти на домашно лекување и 3 хоспитализирани.
Г.М.