Основниот кривичен суд Скопје го одложи започнувањето на предметот поврзан со двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Како што денеска информираа од Кривичниот суд, одлагањето на расправата, што беше закажана за 30 јули, е по барање на Основното јавно обвинителство Скопје кое вчера информираше дека ќе предложи спојување на постапката во која првично беа обвинети Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, со постапката против првоосомничениот Љупчо Палевски за кого истрагата заврши вчера.

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 26.07.204 година достави Предлог за одлагање на закажана главна расправа за предметот со К.бр. 1339/24, насрочена на 30.07.2024 година, а поврзан со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. Имено, со оглед на фактот дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки, стои во соопштението од Кривичен.

Оттаму дополнуваат дека имајќи го предвид добиениот предлог на Обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповикал наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а Судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Од Обвинителството вчера информираа дека е завршена и истрагата за Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство, како и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

OhridNews