По пауза од шест години се врши вештачки мрест на Охридското Езеро. За мрестот се задолжени Научната установа Хидробиолошки завод Охрид и Институтот за сточарство во Скопје кој има инсталации за порибување во Струга, со кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство склучи договор минатата година.
Овие институции имаат обврска да обезбедат 1 милион и педесет илјади зрна икра од која подоцна Охридското Езеро ќе биде порибено со охридска пастрмка. Оваа активност е многу важна за нас како држава бидејќи со оваа цел се зачувува охридската пастрмка како едно од нашите национални богатства. Следната година за оваа активност ќе има и зголемена финансиска поддршка, што ќе значи и зголемен број единки со кои ќе биде порибено Охридското Езеро, изјави денеска во Охрид министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој изрази жалење што изминатите години немаше вештачки мрест на Охридското Езеро, за што ја обвини претходната власт.
Тоа придонесе за дополнително уништување на рибниот фонд на овој загрозен вид риба. Затоа ние ќе продолжиме сега со засилено темпо за да го одржиме рибниот фонд во Езерото, додаде Трипуновски.
Хидробиолошкиот институт Охрид кој оваа година одбележува 90 години постоење, според договорот, треба да обезбеди 600 000 зрна икра од охридска пастрмка, за што во тек е излов на риба што се врши во соработка со концесионерите на езерото и Езерската полиција. Преостаниот дел до 1 050 000 зрна икра е обврска на Институтот за сточарство – Струга.
Мрестот на охридската страна од езерот започна на 16 јануари и се одвива според предвиденото темпо. Имаме одлични резултати, до сега се собрани 255 000 зрна икра коишто веќе се сместени во инкубаторите на институтот, истакна Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот институт Охрид.
Последиците од неспроведувањето на вештачки мрест на Охридското Езеро, според Тасевска се загрижувачки, на што укажуваат резултатите од анализите спроведени во рамки на пилот проектот за следење на рибната популација во Охридското Езеро, што го спроведе Хидробиолошкиот институт во 2021 и 2022 година.
Се забележуваат одредени промени, односно дисбаланс во однесувањето во популациите, во нивниот животен циклус, промени во начинот на исхрана, дисбаланс во генерациите и возрасните големини кои ги среќававме во езерото во текот на истражувањето. Доколку продолжеше паузата на вештачки мрест и порибување на охридската пастрмка секако би била загрижувачка состојбата, додаде Тасевска.
Предизвик и натаму останува заштитата на рибниот фонд на Охридското Езеро кое согласно новата риболовна основа е поделено на седум риболовни зони. За шест од нив во тек е потпишување на договори за стопанисување со избрани концесионери, додека за една тендерот е поништен поради некомплетна документација и истиот повторно ќе биде објавен.
Целото езеро со новата регулатива претставува една рекреативна зона што ќе придонесе и за развој на туризмот и практично контрола на целиот момент. Што се однесува до контролата на концесионерите разговарано е со Граничната полиција и со инспекторатот за земјоделство кој директно е вклучен во целиот процес. Мора да се почитуваат законите, тука нема да има пропусти и не треба да има, а сите вклучени во процесот ќе дадеме се од себе да нема злоупотреби, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски, додавајќи дека во иднина ќе се засилат капацитетите на надлежниот инспекторат и со човечки ресурси и со технички средства.
Во текот на 2024 година на Охридското Езеро запленети се 709 мрежи во вкупна должина од околу 47 километри.
Горан Момироски