Со традиционалното рецитирање на антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, мини концерт на маестро Симон Трпчески и поетското читање „Меридијани“, синоќа во Струга беа отворени 48-те Струшки вечери на поезијата.

Добредојде на поетите кои годинава ги има од сите континенти им посака градоначалникот на Струга Рамиз Мерко кој истакна дека Струшките вечери се симбол на Струга чии порти, како што рече, се широко отворени за нив.

– Имињата на добитниците на Златниот венец од различните меридијани на Земјата се искалени на камен како вечна меморија на овој град и на светската култура. Струга порасна и се разви во поезија и мир, но вие драги поети сте оние кои давате сјај и на ова езеро и оваа река им подаривте светски јазик, најубавиот јазик на поезијата, рече Мерко. Од мостовите на овој град нека се пренесе пораката низ светот, пораката за мир и пријателство меѓу народите, додаде градоначалникот на Струга.


Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска, која истакна дека Струга и струшкиот поетски фестивал се репер во сите светски институции за достигнувањата кои културата ја чинат основен двигател на прогресивните текови во модерната глобална епоха на човештвото.

– Поезијата можеби не може да го измени светот, но е моќен катализатор на општествената свест, на патот на рушење на бариерите кои не раздвојуваат. Доказ за ова е и учеството на осумдесет поети од сите континенти на ова 48-мо издание на Струшките вечери, рече министерката за култура.


Добитник на наградата  „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата годинава е словенечкиот поет Томаж Шаламун, кој традиционално вчера засади дрвце во паркот на поезијата. Шаламун видно воодушевен од признанието истакна дека „Златниот венец“ е најзначајната награда во неговата кариера.


Струшките вечери на поезијата и Македонија од самиот почеток за мене се дом. Отсекогаш биле благородни кон мене и како млад кога Словенија сеуште не ме разбираше  како поет бев поканет на Струшките вечери на поезијата во 1967 година, што беше  голема чест за мене. Ова е сигурно најголемиот светски поетски настан, а Струга има најголема заслуга за мојата кариера и тоа што моите песни денес се преведени во 70 земји, рече Шаламун.


Покрај традиционалните содржини и претставување на добитниците на наградите: „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“,ќе бидат одбележани и 25 години на издавачката куќа „Поинт“, специјализирана за меѓународни изданија, ќе се одржи изложба на керамика на македонски и словенечки автори во чест на годинешниот лауреат, во заливот на коските ќе биде одржана Вечер на Норвешка поезија, а ќе биде одбележана и стогодишнината од раѓањето поетот Никола Јонков Вапцаров.

Ohridnews