Охридските земјоделци и фирмите со основна дејност земјоделство, кои изминатава година плаќале вработено лице за чување на добиток, ќе може да добијат по 18.000 денари месечно по вработен, односно вкупно 3500 евра, доколку до 25 ноември аплицираат во последната фаза од Програмата за финансиска подршка на руралниот развој. Со тоа што им ги враќа потрошените средства за плати, оваа програма има за цел да ги стимулира земјоделците да ги пријавуваат  односно легално да ги вработуваат лицата кои што ги ангажираат за чување на добиток.

Според критериумите за аплицирање, условите за добивање на  надоместокот на плата на вработено лице за чување на добиток, важна е големината на стадото во однос на еден вработен. На пример еден вработен треба да биде ангажиран за 150 грла овци односно 100 грла кози. Земјоделецот кој имал ваков вработен во 2009 година, од Програмата за финснсиска подршка на рурарниот развој  ќе може да добие по околу 300 евра месечно. 

Покрај оваа мерка во последната фаза од Програмата за финансиска подршка на руралниот развој, земјоделците може да аплицираат и за надомест за нето плата на управителот на новоформирана земјоделска задруга или здружение за земјоделски производители, регистрирани во текот на 2008 или 2009 година. Висината на оваа субвенција ќе биде еднаква на просечната годишна плата во оваа дејност изразена во месеци.

Документите за аплицирање на ова програма може да се најдат на веб страната  http://www.ipardpa.gov.mk. Помош и стручни совети околу пополнувањето на документите за аплицирање, земјоделците може да добијат во охридската единица на Агенцијата за потикнување на земјоделството.

Е.Е.