Со концерт на црковниот хор „Калистрат Зографски“ во црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, во петок ќе почне 35- та Меѓународна музичко научна манифестација „Струшка музичка есен“.

Организаторите се надеваат дека и годинава „Струшка музичка есен“ ќе го задржи континуитетот и ќе даде дополнителен придонес во објаснувањето на македонската музичка сегашност и на македонското музичко минато.

Програмата е поделена на четири области: музикологија, музичка педагогија, медијавистика и етномузикологија. Главна тема на годинашнава „Струшка музичка есен“ е македонската музика, проблеми и перспективи.

Ќе биде одржана и сесија за проблемите и перспективите за интелектуалната сопственост и културните експресии, а предвидена е и посебна вечер за 150 годишнината од раѓањето на македонскиот композитор Атанас Бадев, биографско излагање за неговиот живот и дејност и изведба на неговата литургија.
Годинава, манифестацијата ќе иницира основање Национален комитет при ИЦТМ – Интернационален совет за традиционална музика, што се занимава со изучување на традиционалната музика и танц.

Манифестацијата ќе трае до недела.

Ohridnews