Еднократна парична помош од по 30.000 денари државата ќе им исплати на семејствата зафатени со синоќешното силно невреме во Тетовско, а специјална Комисија ќе ја проценува состојбата со оштетените имоти на терен. Одлуката за помош на семејствата ја донесе денеска Владата на седница посветена за состојбите во Тетовско.

Во невремето, кое одзеде четири човечки животи, според првичните проценки, значително се оштетени околу 200 објекти.

Комисијата во рок од ден-два ќе утврдува список на семејства кај што ќе биде доделена еднократна парична помош, по што ќе продолжи со проценка на целото оштетување на имотите од поплавите со што ќе биде утврдена и висината на штетата и помошта што ќе ја даде Владата.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски информира дека Агенцијата за конфискуван имот, согласно заклучоците од седницата, ќе додели помош за семејствата со различна опрема, обувки, алишта и се што има на располагање и што може да биде од корист. Ќе биде отворена и посебна сметка за донации за помош, а формирано е и координативно тело кое ќе ги менаџира активностите што ќе следат за справување со последиците од невремето.

– Центарот за јавно здравје во Тетово, пак, ќе ја следи состојбата со исправноста на водата за пиење и поплавените улици, рече министерот за животна средина Нурхан Изаири.

Утре и задутре, како што информира тетовската градоначалничка Теута Арифи, ќе бидат прогласени за ден на жалост. Синоќешното невреме е една од најголемите несреќи во Тетово по последните 30 години, рече Арифи.

Помош за Општина Тетово веќе испратиле Град Скопје, општините Чаир, Струмица и Велес.

OhridNews

OhridNews