Утревечер, во 21.30 часот во охридското село Велестово, по 27-ми пат ќе се одржи манифестацијата „ Поетска ноќ во Велестово“.  Манифестацијата која опстојува речиси три децении, годинава е посветена на поетското творештво на Веле Смилевски, а традиционално, покрај поетскиот портрет на овој поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со изложба на слики ќе се престави Литов НамдагЈанчивин од Монголија, кој во моментов е почесен конзул на Монголија во Македонија.

Специфичноста на оваа манифестација е тоа што се обраќа кон народот и до луѓето кои не се стручни за таков вид литература. При тоа имаат можност да чујат нешто што е структурално надвор од секојдневниот јазик за комуникација. Манифестацијата е мала но строга антологија на македонското поетско творештво и македонскота сликарство, истакна организаторот на манифестацијата, поетот Славе Ѓорго Димоски.

Втората вечер, на 15-ти август во Планинарскиот дом во Велестово ќе биде промовиран зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори ширум светот. На промоцијата ќе гостуваат автори од Бугарија, Црна Гора и Македонија. Промоцијата ќе започне во 21:00 часот.

На денешната прес конференција беше официјализирана и соработката со црногорската манифестација „ Барски летопис“, на која се претставуваат голем број поети и писатели. 

Во текот на изминатите години во рамки на „ Поетска ноќ во Велестово“ беше претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари , меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. Претставени беа и сликарите : Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски,  Газанфер Бајрам, Славко Упевче.

OhridNews