Во пробна работа денеска беа пуштени две препумпни станици од колекторскиот систем во Елешец и Пештани, што по неопходната проверка официјално ќе бидат ставени комплетно во функција на 4 јули.


– Се решава проблемот за околу 2000 жители на Пештани кои чекаа на овој момент 20 години, бидејќи досега фекалните отпадни води се третираа со септички јами и се влеваа во самото Езеро, истакна Сандре Нечоски-претседател на Месната заедница Пештани.


Вкупната инвестиција на проектот е 1,2 милиони евра што ги обезбеди локалната самоуправа.Покрај двете препумпни станици во Пештани е изградена и секундарна канализациона мрежа која ќе биде приклучена на колекторскиот систем.

– Овој дел од колекторскиот систем е во должина од 2 километри со што ќе се заокружи колекторскиот систем на македонска страна, истакна Бранислав Трпчески, директор на МЈП Проаква. Тој истакна дека капацитетот на оваа делница од колекторот е три пати поголем од сегашниот потенцијал на Пештани, односно може да опфати 3-4000 објекти.


Според градоначалникот на Охрид Александар Петрески, со изградбата на делот од колекторот кај Пештани и Елешец ќе се заштити Охридското Езеро од загадување. Тој најави дека во наредниот период останува да се реши проблемот со отпадните води во Свети Наум, Љубаништа и Трпејца, за што се изготвени проекти.

–  Имаме поднесено неколку проекти до европските фондови за изградба на пречистителна станица во Св. Наум што треба да се приклучи на колекторскиот систем во Албанија, додека проблемот со отпадните води во Трпејца ќе се решава со изградба на путекс станици, рече Петрески изразувајќи увереност дека догодина ќе бидат решени овие прашања.


Петрески напомена дека со изградбата на колекторот нема да се реши проблемот со високото ниво на Охридското Езеро што предизвика покачување на подземните води и предизвикаа доста проблеми оваа зима во крајбрежјето, за што тој најави дека ќе се бара одговорност.

-Нивото на Охридското Езеро сега е 18 сантиметри над горната утврдена граница и некој за ова треба да одговара затоа што тоа според мене е најголем криминал на деценијата што е направен кон Охрид, Охридското Езеро и државата. Некој остварува екстра профит од производство на електрична енергија од водите на Охридското Езеро кое наместо како светско природно наследство се третира како акумулација и општина Охрид ќе поднесе кривични пријави против одговорните за таквата состојба.-реле Петрески


Петрески најави дека останува да се реализира втората фаза од колекторот која предвидува изградба на уште еден цевковод и пречистителна станица од Грашница до Враништа, што како што рече ќе биде на товар на општините Охрид и Струга бидејќи државата ги известила дека не е во можност да учествува во изградбата на оваа делница од колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Г. Момироски