Владата работи на донесување на нова Уредба во која ќе бидат прецизирани мерките со кои ќе се овозможи постепено олабавување на полицискиот час. Неофицијално услов за тоа, покрај мерките за држење социјална дистанца, ќе биде и задолжително носење на маска. Непочитувањето на оваа мерка, ќе биде казниво со закон.
Премиерот Спасовски денеска на Фејсбук потврди дека се размислува за олабавување на Полицискиот час, но не откри детали во кусата објава.
Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш. – напиша Спасовски на Фејсбук.
Освен олабавување на полицискиот час, се размислува и за постепено отварање на кафулињата и рестораните, кои на почеток ќе работат со значително намален капацитет.
Македонија и само неколку држави од опкружувањето се единствените во Европа каде е воведен Полициски час и преку викендите, со што строго се ограничува движењето на луѓето. И додека мерката се почитува и за време на Полицискиот час нема движење, се чини дека во ограниченото време кога е дозволено движењето се создаваат големи гужви пред маркети, пазари, банки и институции, што сериозно ја доведува во прашање ефикасноста на оваа мерка.
Г.М.