Екипата на Струга попладнево на домашен терен ја совлада Ренова со 1:0 (0:0) во последниот натпревар од 18. коло, со кое заврши есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Ренова ги одигра последните 30 минути од дуелот во Струга со играч помалку поради исклучувањето на Медин Бајрами, а домаќините ја искористија бројчаната предност со голот на Дејан Цветановски во судиското продолжение.

Комплетирањето на есенската полусезона беше пролонгирано за два дена, откако дуелот во Струга беше одложен во неделата поради лошите услови на теренот предизвикани од снежните врнежи изминатиот викенд.

Македонското фудбалско првенство продолжува на 13 февруари кога лидерот Шкупи ја пречекува во Скопје второпласираната Академија Пандев.

Табела: Шкупи 42, Академија Пандев 35, Шкендија 34, Брегалница 29, Ренова 27, Македонија ЃП 27, Струга 26, Работнички 22, Скопје 20, Тиквеш 15, Борец 12, Пелистер 5.

OhridNews