Moже ли охридска граѓанска судска парница за развод да прерасне во скандал? Можно е но, за среќа, има доволно време скандалот да се спречи, пишува порталот Плус инфо.

Случајот за кој пишува Плусинфо, а за кој деновиве информираат и други медиуми, се однесува на постапка за развод на брак и за доделување на малолетниот син, поведена пред Основниот суд во Охрид. Тужител е таткото. Постапката завршува со пресуда, со која бракот се разведува, а малолетниот син му се доделува на таткото на чување, воспитување и делумно издржување. Тоа наводно било став и надлежната социјална служба, која дава свое мислење како стручна институција пред судот. Во текот на постапката, тужената, мајката, поднела предлог до Врховниот суд за доверување на постапување на друг стварно надлежен суд (Скопје). Врховниот суд го одбил предлогот на тужената како неоснован и постапката продолжила и завршила во охридскиот суд.

Мајката поднела жалба во Апелациониот суд во Битола. И токму таму, според сторијата што ја пренесува Плусинфо, почнува вистинска драма. Случајот станува повеќе од банална граѓанска парница, какви што има илјадници и кои вообичаено не се предмет на интерес на пошироката јавност. Жалителот ангажирал адвокатка која наводно е ќерка на судијка на Апелацииониот суд во Битола, која треба да одлучува по жалбата. Повикувајќи се на фото и видео докази од друг извор, Плусинфо во сторијата отвара сомнеж за влијание врз судии во случајот, посочувајќи на наводна средба што се случила помеѓу блиски на жалителот и сопруг на судијка која, исто така наводно, била член во судскиот совет кој одлучува за предметот во Апелација, за што семејството на тужителот кој со одлука на судот во Охрид го добива детето од разведениот брак, поднело кривична пријава.

Плусинфо не ги објавува имињата на оваа драма. Но, предупредуваме дека сите засегнати страни, всушност, се луѓе од крв и месо, кои се борат за правдина и за нешта коишто во нивните животи се пресудно важни. Од таму и очекувањата Апелациониот суд во Битола да постапи крајно професионално и одговорно во овој случај, пишува Плусинфо.

Извор: Плусинфо