После ослободувањето на Охрид и завршување на Втората светска војна, во организација на директорот на тогашната Рибарска задруга, Пере Рупе и спортисти од Охрид, се одржала трка со чунови на Охридското Езеро, со што започнува историјата на водените спортови со пловни објекти во Охрид кои, во децениите потоа, на градот ќе му донесат голем успех и спортска слава. На настанот убаво се сеќава истакнатиот спортски работник, поранешен веслач и тренер, Здравко Тупаре. Овој неуморен хроничар, во деветтата деценија од животот на Охрид му подари вредна книга „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро“, во која се поместени важни податоци и факти за водените спортови со пловни објекти, кои се само мал дел од неговата богата лична архива.
Јас сум сведок на тој настан. Се натпреваруваа со чонови од устието на каналот Студенчишта до пристаништето. Учествуваа охридски рибари, пештански и трпејчани. За жал нема запис кој победил во трката која е зачеток на веслањето во Охрид, раскажува Тупаре.
Мотив постоеше уште многу одамна да се издаде една ваква книга во која покрај историјатот за пловните објекти на Охридското Езеро, се поместени почетоците на веслачкиот, кајакарскиот и едриличарскиот спорт, вели Тупаре. Колку успеаав во тоа ќе кажат читателите, а на младите генерации останува подобро да ги опишат тие настани, додава тој.
Здравко Тупаре со веслање почнал во 1949 година кога во Охрид доаѓа веслачкиот тренер Едуард Јунек Едо. Активно се занимава со овој спорт до 1960 година кога учествува на Државното првенство на Југославија во Нови Сад. Со задоволство се присетува на тие времиња кога со скромна опрема, а некогаш и без неа, охридските веслачи остварувале исклучителни резултати.
Не можевме од овде тогаш да носиме чамци на Блед, Палиќ или во Белград. Ни позајмуваа другите клубови, а кога ти позајмуваат се знае, тоа се постари чамци, потешки, на кои не бевме навикнати, но и со такви победувавме. Најдобри резултати имаа веслачите на векот во Охрид, Симон Ѓурчев и Јулијана Николиќ Иваноска. Таа во 1979 година како член на јуниорската репрезентација на Југославија која ја предводев јас, триумфираше на Балканското првенство во Бугарија и беше избрана за најдобар јуниор. – истакнува Тупаре.
Денес, за жал, веслањето во Охрид не постои. Хангарот на ВК Југ со денационализација и беше вратен на Дебарско – кичевската епархија иако, како што вели Тупаре, бил граден со средства од доброволни прилози од камен и глина во 1946 година.
Голема штета се направи со тоа. Градителите влегле тогаш 50-60 метри во црковен имот. За жал, да беше црковен требаше да остане на младите, бидејќи без хангар, без тренер и редовно финансирање нема да има поголеми резултати на охридските веслачи. – посочи Тупаре.
Во книгата има податоци од историјата и на другите водени спортови како кајакарството и едрилилчарството.
Првата официјална едрилица е направена во кралството Југославија од мајсторот Марко Сершиќ кој беше охридски зет. Имаше жена од Јанковци. Тој по Втората светска војна почна со група мајстори да ги гради и едрилиците и кајаците и вршеше поправка на спортски чамци. – се сеќава Тупаре.
Промоцијата на книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро“, беше убава можност на едно место по подолго време да се соберат поранешни успешни спортисти, носители на медали, тренери, спортски работници и ентузијасти, кои евоцираа спомени за едни убави времиња на охридскиот спорт.
Поранешната државна првенка во веслање, Драгица Шајн, изрази задоволство што Здравко Тупаре се сетил да ги преточи успесите на охридските веслачи во книга, затоа што тие речиси никаде не се спомнати.
Оваа книга не врати во нашата младост, а ќе остане и за идните генерации. Се надевам дека уште ќе се пишува за овие спортови. Се потсетивме на поранешните времиња. Штета е што младите сега не се занимваат со спорт. Нас не поттикнуваа, ни велеа ајде тренирајте, ќе бидете веслачќи, ќе бидете прваци. И навистина беше така. Одевме на натпревари без чамци, ни даваа стари чамци, но бевме добро тренирани од Драги Раоник и другите наши тренери и победувавме, се чудеа, не им се веруваше, вели Драгица Шајн која зад себе има девет медали од различни натпреварувања.
Драги Раоник, уште еден ветеран на веслачкиот спорт, исто така изрази жалење што денеска Охрид нема веслачки клуб.
Имаше обиди да се обнови веслачкиот клуб во Охрид, но не знам до каде е таа работа. Охрид има потенцијал затоа што го има Езерото, не само за веслање, туку и за едриличарство. – додаде Раоник.
Промотор на книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро“, беше новинарката Валентина Нелоска.
Фото галерија:
Од промоцијата на книгата „Пловните објекти и веслањето низ историјата на Охридското Езеро на Здравко Тупаре
Г. Момироски