Согласно новиот закон за внатрешна пловидба, пловните објекти, глисери, скутери, моторни чамци и едрилици, не смеат да се приближат до брегот повеќе од 50 до 300 метри зависно од нивната големина.

Со законот ќе биде одбележан и одвоен просторот кај што се движат бродовите и глисерите, како и просторот за спортско-рекреативни активности.

Со новиот закон за внатрешна пловидба  за првпат се пропишуваат ефикасни санкции за лицата кои управуваат со глисери, скутери и чамци, а предизвикуваат незгоди. – Инспекторите од внатрешната пловидба можат да извлечат глоба на самото место до максимум 200 евра или привремена забрана за вршење пловна дејност во времетраење од шест месеци.

Законот ги  регулира и правата на сопственост на брод, се пропишуваат условите што треба да ги содржи договорот за градба на брод и се дефинираат условите за добивање звање „екипаж на брод“.

Целта на донесувањето на новиот закон за внатрешна пловидба е да се избегнат евентуални незгоди на капалиштата и пристаништата. Непочитувањето на прописите во изминатите години на Охридското Езеро предизвикаа серија инциденти кои за среќа минаа само со повреди на капачи или управувачи на пловни објекти.Охридската капетанија по тој основ минатата година поднесе четириесетина прекршочни пријави.

Г. Момироски