Од како се направени проценките за потребното време за реконструкција на плоштадот Локалната самоуправа се одлучи истиот да го реконструира во две фази.
Прво ќе се реконструира делот од страна на улица Македонски Просветители каде ќе се отстрани зелениот појас и ќе се направат скали во целата должина. Предвидено е овде работите да завршат до почетокот на претседателскиот самит во Охрид.
– Се одлучивме на рекоснтрукција во две фази од причина што претстои овој важен политички настан во Охрид и до неговиот почеток ќе биде реконструирана само страната од кај улицата Македонски Просветители, а потоа по 3 мај ќе се започне со поголемиот зафат од страната кај кружниот тек и тој ќе заврши до почетокот на сезоната, со што Охрид ќе ги пречека туристите со реконструиран видоизменет плоштад кој ќе биде далеку пофункционален од овој сега – вели Зоран Шикалоски советник по сообраќај во Општина Охрид.
Од урбанизам велат дека тие изготвиле проект кој е во согласност со првичните планови за плоштадот кога се предвидувало до него да се стигнува од сите страни, а не од посебните влезови како што е сега.
– Проектот го изготвивме по првите планови како што било планирано плоштадот да е отворен целосно до сите страни и сега ќе се имплементира овој план. По реконструкцијата граѓаните ќе видат дека ќе имаат далеку пофункционален плоштад од досега, што посебно ќе дојде до израз во туристичката сезона кога се големите гужви во Охрид – изјави Бранко Арнаудов од секторот за урбанизам во Локалната Самоуправа.
Никој од надлежните во Општина Охрид не можеше да прецизира за колкави финансиски средства станува збор и дали оваа ќе е и последна реконструкција на плоштадот.