Охридската атлетичарка Мартина Мироска имаше плоден и успешен почеток во првото тромесечие од Новата година. 19-годишната атлетичарка член на Атлетскиот клуб Охрид настапи на неколку натпреварувања со меѓународен карактер во две категории скок во далечина и 60 метри.
Мироска на стартот од годината базични подготовки имаше во бугарскиот град Добрич, а првите две учества на турнири ги имаше во Турција, односно на Балканското првенство во сала и Купот на Истанбул. На првиот турнир учествуваше во скок во далечина и оствари резултат (5.61), додека на вториот со истрчани (8 секунди и 28 стотинки) се пласираше меѓу 20-те во спринтерската дисциплина 60 метри.
Добрата форма во скок во далечина охриѓанката ја продолжи на Балканското првенство во Белград каде имаше резултат (5.60). Исто во Белград, Мироска беше дел од македонската репрезентација која настапи на Европското првенство во сала кое се одржа од 3 до 5 март. Меѓу сите учеснички репрезентативката на Македонија беше најмлада и оствари резултат (5.58).
– Задоволна сум од постигнатите резултати иако секогаш може подобро и повеќе. Искуството кое го акумулираме од ваквите турнири е големо и ни помага во развивањето за понатаму. Во Турција конкуренција беше послаба, додека во Белград беше собрано најдоброто од Европа на едно место и вистински беше доблест да се учествува – изјави Мироска.
Таа и членовите на Атлетскиот клуб Охрид полека влегуваат во колосек после ненадејната смрт на тренерот Влатко Димитров кој со својата работа и посветеност е најзаслужен за успесите на сите атлетичари не само во Охрид туку и во нашата земја. – Нема никој во клубот на кој не му недостасува нашиот тренер. Тој секогаш ни даваше прецизни и квалитетни совети. Иако тој не е повеќе со нас ние се уште го имаме неговиот жар во клубот и мотивирано тренираме да ги оправдаме неговите очекувања.
Срушувањето на државниот рекод на Марина Михајлова во скок во далечина (6.17) кој датира од 1986 година е следната цел за Мироска. Таа и покрај променливите временски услови тренира два пати дневно на отворено и напорно се подготвува за престојната сезона во македонската атлетика.
Михаил Постоловски