Плоден почеток на новата годината во Охрид. Во Болницата за гинекологија денес се родени пет бебиња.
Во посета на новореденчињата традиционално беа градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Општа болница Охрид, Асен Шајн.
Оваа година веројатно ќе биде бериќетна не само за Општина Охрид, туку и за сите жители кои се од Охрид. Имаме пет дечиња во новата година, од кои првото е машко. Денес како Општина тука сме традиционално да им честитаме и да дадеме една поддршка за мајките и новороденчињата. Секако дека ова е несекојдневна ситуација бидејќи имаме пет новородени бебиња, а Општина Охрид според правилникот доделува секогаш на првото новороденче 20 000 денари и пригодни подароци. Оваа година ќе доделиме ваучери од 10 000 денари и на останатите, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посакувајќи им здравје и успех.
Првото родено бебе во Охрид
Како што информираше директорот на болницата Асен Шајн, бебето е родено во 1 часот и 54 минути, спонтано, тешко е 2730 грама. На 27 годишната мајка од Охрид ова и е трето дете, а прво машко.
Се надевам дека оваа година ќе биде бериќетна по гледањето на првиот ден од оваа година каде имаме пет новородени бебиња. Посакувам оваа година да биде исполнета со здравје, позитивна енергија, мир и спокој да си имаат во својата фамилија сите од новороденчињата, да живеат во среќно и безгрижно детство и на сите им посакувам Новата година да донесе нови успеси, но пред се здравје, додаде Шајн.
Катерина Попоска, началничката на Одделението за гинекологија и акушерство упати благодарност за дежурниот тим кој вели неуморно работеше цела ноќ и донесе на свет здрави и прави бебиња.
503 бебиња се родени во 2023 година, од кои повеќето се женски околу 320. Се надеваме дека оваа година бројката ќе се зголеми и ќе имаме повеќе охриѓанчиња. Оваа година ќе се потрудиме во нашата Болница да воведеме нови интервенции и ќе бидеме засилени со уште двајца специјалисти, додаде Попоска.
Дежурниот доктор гинеколог во Болницата, Горан Маркоски истакна дека дежурството било плодно и на свет се донесени пет новороденчиња.
Првиот ден од новата година нашето Одделение донесе огромно задоволство, дури пет новородени бебиња, од кои три женски и две машки. Три од нив се породени со царски рез, додека две се породени природно. Верувам дека овој почеток ќе донесе бериќет за целиот наш град, за сите наши граѓани, додаде Маркоски.
Инаку, Гинеколошкото одделение во Охридската болница покрај Охрид, го опслужува регионот на Кичево, Дебар, Ресен и дел од Струга, а тука доаѓаат и пациенти од соседна Албанија.
Н.С.Ј.